IN MEMORIAM: Почина истакнатиот македонски композитор, маестро Александар Џамбазов

од admin_kult

На 85-годишна возраст, денеска почина истакнатиот македонски композитор и  диригент, маестро Александар Џамбазов. Телеграма со сочувство до семејството упати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека придонесот на Џамбазов во развојот и афирмацијата на македонската класична и популарна музика е навистина огромен.

„Со својата посветена децениска работа, маестро Џамбазов создаде антологиски дела од класичната музика, детски песни, филмска и сценска музика кои се дел од македонското музичко наследство“, напиша министерката за култура во телеграмата.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и на Ревискиот оркестар. Автор е на голем број детски песни, а беше иницијатор и долгогодишен диригент на Фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Џамбазов има реализирано многубројни снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство, а добитник е на голем број стручни награди. Пишувал сценска музика и филмска музика, како и повеќе дела од класичната музика и др. Компонирал и хорски композиции и голем број популарни мелодии. За својата работа доби над 40 награди и признанија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе