Во КИЦ – Софија денеска се отвора изложбата „Метакосмија“

од admin_kult

Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија, денеска (25 мај) во 17:00 часот ќе биде отворена изложбата „Метакосмија“, составена од дваесетина сликарски дела на ликовните уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски создадени во комбинирана техника, со примена на акрил и смола. Изложбата ќе биде отворена до 20:00 часот и со контролиран пристап, со цел почитување на мерките за справување со пандемијата од КОВИД-19.

„Многу работи се променија во текот на последната година, се промени и нашата перцепција за светот, на што не останаа имуни ни уметниците. Уметноста повторно се покажа и се докажа како оригинално изразно средство, со кое уметниците покажуваат што гледаат и, што е уште поважно, што чувствуваат. Ваквите (не)прилики нѐ предизвикаа и нас како автори сликари, да тргнеме во потрага по друга, за нас подобра стварност, со можност да пронајдеме други светови, па дури и да се изгубиме во нивните меѓупростори, и така барем да се обидеме да допреме до таа недопирлива, таканаречена Метакосмија“, појаснуваат авторите на изложбата.

Ангелина Спировска е академски сликар и конзерватор на ѕидно сликарство, додека, пак, Владо Муковски специјализирал конзервација и реставрација во Фиренца, Италија, а работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје како советник конзерватор за ѕидно сликарство и раководител на Секторот за непосредна заштита.

За љубителите на ликовната уметност во Софија, изложбата „Метакосмија“ ќе остане отворена до 25 јуни 2021 година.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе