Посебната советничка за културно наследство во Министерството за култура, Валентина Поцеска, денеска за „Утрински брифинг“ рече дека заштитата на Курбиново е во надлежност на стручната установа Завод за заштита и музеј – Битола и дека во моментов се спроведува првата фаза на конзервација на објектот, едноставно кажано, да презими и конзервацијата да продолжи напролет.
„Од статички аспект, црквата е стабилна,а од надворешната страна на ѕидовите се поставуваат цевчиња преку кои подоцна ќе се врши инјектирањето во деловите од ѕидовите во кои има пукнатини.
Камените ѕидови, кои се со дебелина од 80 сантиметри, се чистат од нанесените фуги во длабочина од приближно сантиметар. Не се работи за оригиналниот малтер од 12 век туку за несоодветни материјали нанесени при неколку подоцнежни интервенции. Сега, ова се изведува со специјални материјали од Италија со крајно внимание да се зачува малтерот од 12 век. Поволните временски услови, во моментов, тоа го дозволуваат“, додаде Поцеска.