Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска (2 декември), со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи „Литературна вечер со писателката и преведувачка Ана Багрјана“.
Ана Багрјана е поет, прозаист, драматург, преведувач од Украина. За нејзината богата преведувачка дејност, во која се застапени повеќе наслови од македонски автори преведени на украински јазик, како и за нејзината писателска дејност, ќе говорат литературниот критичар и книгоиздател Пламен Тотев и директорот на македонскиот КИЦ во Софија, д-р Сашко Насев.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат делови од современото литературно творештво на три јазици – македонски, бугарски и украински. Режисерот и актер Ѓорги Георгиев-Антика, кој е од Република Северна Македонија, но живее и работи во Бугарија, ќе се погрижи за збогатувањето на интерпретацијата на избраните кратки текстови.