Годишни конкурси за финансирање проекти од Национален интерес по одделни дејности и области од културата за 2021 година

од admin_kult

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Министерството за култура, на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година (во натамошниот текст: Годишните конкурси), ќе поддржи проекти кои се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија во следниве дејности и области:

  • заштита на културното наследство (музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, библиотечна дејност, заштита на недвижно културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра);
  • визуелни уметности, архитектура и дизајн;
  • музичка и музичко-сценска дејност и фолклор;
  • драмска дејност;
  • литература и издавачка дејност;
  • меѓународна соработка;
  • интердисциплинарни проекти.
  1. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА ГОДИШНИТЕ КОНКУРСИ

Право на учество на Годишните конкурси имаат правни лица и физички лица државјани на Република Северна Македонија.

Под правни лица се подразбира установи од областа на културата (локални или приватни), единици на локалната самоуправа, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица регистрирани во Република Северна Македонија за вршење дејности од областа на културата.

Правните и физичките лица чиишто проекти биле поддржани од Министерството за култура во претходните години треба да ги имаат исполнето сите обврски во согласност со Законот за културата и со склучените договори со Министерството за култура. Во спротивно, нивните проекти доставени на Годишните конкурси за 2021 година нема да се разгледуваат.

Во услови на пандемија предизвикана од КОВИД–19, Министерството за култура препорачува, доколку тоа го дозволува планираната активност, проектите да бидат реализирани онлајн.

Проектите што ќе бидат поддржани треба да се планираат и да се реализираат во согласност со донесените Одлуки за мерки за спречување на внесување и ширење на КОВИД-19, во кои се содржани Протоколите за работа на установите од областа на културата и другите правни и физички лица од областа на културата (објавени на веб-страниците на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за здравство).

На Конкурсите НЕ учествуваат национални установи од областа на културата. Националните установи, во согласност со Уредбата со законска сила за примена на Законот за културата за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 169/2020), до 1 август 2020 година доставиле нацрт-годишна програма за работа на установата до Министерството за култура.

Правните и физичките лица може да конкурираат само во две различни дејности, односно области, утврдени во општите информации од овие Годишни конкурси.

Овој услов не се однесува на физички лица до 35-годишна возраст кои се невработени.

Во обрасците на пријавите по одделни дејности и области во културата, кои се составен дел од Годишните конкурси, е утврден максималниот број проекти по дејност, односно област, кои ќе бидат прифатени за физичките и за правните лица.

Како доказ за исполнување на условите наведени во Годишните конкурси, задолжително се доставува следнава документација:

  • За физички лица – уверение за државјанство на Република Северна Македонија (оригинал или копија заверена кај нотар) или копија од лична карта издадена од надлежен орган во Република Северна Македонија.
  • За невработени физички лица до 35 години – потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија дека физичкото лице не е вработено.
  • За проекти кои се организираат преку заедничка соработка на две или повеќе физички лица, поединци, односно за проекти на неформални групи, се доставува писмена изјава од учесниците во проектот со која се назначува носителот на проектот и само за него се доставува уверение за државјанство на Република Северна Македонија (оригинал или копија заверена кај нотар) или копија од важечка лична карта издадена од надлежен орган во Република Северна Македонија.
  • За правни лица – документ за регистрирана дејност (ДРД-образец), не постар од 6 месеци, или тековна состојба, не постара од 6 месеци, или решение за регистриран субјект издадени од Централниот регистар на Република Северна Македонија со исклучок на единиците на локалната самоуправа, локалните установи и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија.
  • Други задолжителни документи со кои се докажува исполнувањето на условите содржани во пријавите по одделни дејности и области, кои се составен дел од Годишните конкурси.
  • Нема да бидат разгледувани следниве пријави: доставени по истекот на рокот на Конкурсите, пополнети на несоодветен образец, пополнети на образец кој не е составен дел од Годишните конкурси, доставени по електронска пошта, нецелосно пополнети и некомплетни пријави.
  • Нема да бидат разгледувани пријавите за кои во прилог не е доставена горенаведената задолжителна документација и задолжителната документација наведена во пријавите по одделни дејности и области кои се составен дел од Годишните конкурси.
  • Материјалите доставени со пријавите на Годишните конкурси не се враќаат.
  1. КРИТЕРИУМИ И МЕРИЛА ВРЗ ЧИЈА ОСНОВА ЌЕ СЕ ВРШИ ОЦЕНА НА ПРОЕКТОТ

Критериумите и мерилата за оцена на проектите се содржани во обрасците на пријавите по одделни дејности, односно области и активности во културата, кои се составен дел од Годишните конкурси.

  1. ПРОЦЕНТ НА УЧЕСТВО НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВО ФИНАНСИРАЊЕТО НА ПРОЕКТИТЕ

Процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите е во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во културата во Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година и ранг-листата од стручната комисија од дејноста, односно областа.

  1. РОК ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ

Поради актуелната економска и здравствена криза предизвикана од пандемијата на КОВИД–19, се препорачува пријавите да се достават до Министерството за култура по пошта (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, 1000 Скопје), со датум на поштенскиот жиг.

Конкурсите ќе траат од 8.10.2020 до 10.11.2020 година.

  1. ДРУГИ ИНФОРМАЦИИ

5.1. Начин на пријавување

Пријавите по дејности и области, кои се составен дел од Годишните конкурси, се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Пријавите задолжително се преземаат од веб-страницата на Министерството за култура www.kultura.gov.mk, се пополнуваат во електронска форма со впишување податоци на означеното место, се потпишуваат од овластено лице и заверени се доставуваат во печатена форма во Министерството за култура. За секој проект се пополнува одделна пријава. Сите текстуални документи, како и сите документи кои се потпишуваат, треба да се достават во печатена форма како оригинални документи, а другите медиумски содржини може да се достават во електронска форма на ЦД, ДВД или надворешен, пренослив уред.

5.2. Известување за резултатите од Годишните конкурси

Сите учесници на Годишните конкурси за резултатите ќе бидат известени во согласност со Законот за културата.

Резултатите од Годишните конкурси ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Објавените резултати од Годишните конкурси ќе содржат информации за носителот на проектот, назив на проектот и одобрените средства за реализација на проектот.

5.3. Дополнителни информации

Дополнителни информации во врска со Годишните конкурси може да се добијат најдоцна до 26.10.2020 година на следниве електронски адреси:

Заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра,  библиотечна дејност, музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство:

Елена Павлова, Давча Спасова

zastita@kultura.gov.mk

Рефик Бајрами, Ибуш Абази

muzejska@kultura.gov.mk

Елизабета Јанкуловска

bibliotecna@kultura.gov.mk

Визуелни уметности, архитектура и дизајн:

Марија Станчевска-Ѓоргова, Мариела Мицевска-Аџигогова

vizuelniumetnosti@gmail.com

Музичка и музичко-сценска дејност и фолклор

Љумтурије Зајази

 ljumturije.zajazi@kultura.gov.mk

Бесим Мемиши

besim.memish@kultura.gov.mk

Мандика Нича

mandika.nica@gmail.com

Драмска дејност:

Снежана Иванова-Китанова, Бесим Ибраими

snezana.ik@kultura.gov.mk, besim.ibrahimi@kultura.gov.mk

Литература и издавачка дејност:

Весна Ѓуровска, Исние Бериша

sektor.kniga@kultura.gov.mk

Меѓународна соработка:

Љубица Стефановска, Татјана Краљевска-Лазарова, Љуљзим Селмани

lj.stefanovska@kultura.gov.mk

t.kraljevska@kultura.gov.mk

lulzim.selmani@kultura.gov.mk

Интердисциплинарни проекти:

Арлинд Хусеини, Александра Север

kreativniindustrii.kultura@gmail.com

Министерство за култура

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе