„Фантазија“ е насловот на рециталот на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев, кој утре, вторник (23 февруари), во 20 часот ќе настапи во Камерната сала на Филхармонијата. На програмата се дела од елегичниот Албинони и од романтичните Шопен и Лист.

Бугарскиот пијанист Евгениј Генчев настапува во Европа, Северна Америка, Азија и во Австралија и е добитник на повеќе од педесетина национални и интернационални награди на натпревари за пијано. Генчев настапувал на многу концертни сцени во светов, а последнава сезона настапуваше со Филхармонискиот оркестар во Мексико Сити, со Полската филхармонија „Фредерик Шопен“ во Гдањск, со Филхармонискиот оркестар „ЛИСМА“ во Њујорк, со Симфонискиот оркестар во Пловдив, соработувајќи со диригенти како Максимилијано Калди, Аркади Лејтуш, Језус Месина, Жан-Паскал Тортелие …

Евгениј Генчев е роден во Бугарија, а пијано учел во Националното училиште за музика и танц „Добрин Петков“ во Пловдив. Својата едукација ја продолжил на Кралската академија во Лондон и на Интернационалната академија за пијано „Инконтри кол маестро“ во Имола, Италија. Исто така, ја завршил и програмата за уметничка диплома на Училиштето за музика и драма „Гилдхол“ во Лондон.