Во организација на Центарот за култура и Библиотеката во Охрид, утре (5 февруари) ќе се одржи традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ со која Охрид ги чествува 128-годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160-годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Настанот ќе биде отворен во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура, а точно напладне е свеченоста посветена на лауреатот на наградата за најдобра поема за 2020 година – Лилјана Пандева. Нејзината поема „Капетаните“ беше прогласена за најдобра на отворениот конкурс што секоја година се распишува во чест на Прличев. Во организација на Националната библиотека, од 13 часот ќе се одржи промоција на најновата книга на проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ „За Прличев и неговиот XIX век“, во која како приредувач се јавува м-р Милчо Јованоски, а промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев.

Оваа „книжевна читанка“ истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Издавач на книгата е НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид со финансиска помош од Министерството за култура и Општина Охрид.

Во деновите пред Беседите, Библиотеката на својата обновена интернет-страница ја постави и ја сподели со посетителите документарната снимка извлечена од архивата на МТВ – ТВ Скопје посветена на манифестацијата „Прличеви беседи“ во 1968 година, кога беше одбележана 75-годишнината од смртта на Прличев. Истовремено, на веб-локацијата www.bibliotekaohrid.mk ќе бидат споделени аудиоизданијата „Сердарот“ и „Автобиографија“ кои се дел од архивираниот серијал „Звучна библиотека“, проект поддржан од Министерството за култура, а реализиран од страна на Библиотеката „Григор Прличев“ – Охрид.