Актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинашни добитници на наградата „Златен објектив“ за 2020, одлучи Управниот одбор на Кинотеката на Северна Македонија.
По повод својот роденден, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Датумот е избран зашто на 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.