Со премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи, под отворено небо на покривот на ГТЦ, како и со концертот на Здружението на џез-музичари и гудачкиот оркестар во паркот на МКЦ, синоќа беше затворен 19. Меѓународниот фестивал за европски филм „Синедејс“.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири-комисијата во состав Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следниве награди:
Во официјалната селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм доби филмот „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули, во „SEE програмата“ наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја доби филмот „Оаза“ во режија на Иван Икиќ, а специјалното признание од „SEE програмата“ беше доделено за филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ
Овогодишниот 19-ти Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“, кој се случуваше во поместен термин, го следеа повеќе од 5000 луѓе, кои уживаа во проекциите под ведрото небо. Во рамки на репертоарот на фестивалот кој се одвиваше под слоганот „Филм на секое платно“ на девет локации низ Скопје се реализираа 40 филмски проекции и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.