Кумановскиот театар ќе добие нов освежен лик откако започнаа првичните активности за негова реконструкција по потпишување на договорот со фирмата „Баџак инжинеринг“ од Скопје. Како што информира Сашо Тодоровски, директор на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ под чија надлежност е Кумановскиот театар, градежните активности треба да започнат веќе в понеделник.
Се очекува првата фаза да трае шест до седум месеци, но, сепак, тоа зависи од повеќе фактори и можни непредвидени проблеми во текот на реконструкцијата. Рокот за завршување на градежните активности е до април 2022 година. Првата фаза од проектот ќе опфати реконструкција и на надворешниот и на внатрешниот дел од објектот. Ќе биде реконструирана архитектурата, одредени делови ќе бидат урнати и повторно изградени во согласност со проектот. Реконструкцијата опфаќа и геомеханички испитувања, како и засилување на конструкцијата на самиот објект на делови каде што тоа е предвидено со проектот.