„Од името на целиот колектив на Охридско лето и од мое лично име искрено се заблагодарувам на Општина Охрид, на градоначалникот д-р Константин Георгиески, на Советот на Општина Охрид, како и на Комисијата, што за првпат го доделуваат ова признание на Фестивалот кој годинава славеше 60 години јубилеј под посебни услови наречени коронавирус.
Но ние успеавме, кога сите големи културни установи немаа програма, да го реализираме Фестивалот. Оваа награда за нас е голем мотив да продолжиме и понатаму да ја градиме успешно приказната Охридско лето и ветувам дека следната година ќе го оправдаме тоа“, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на свеченоста на која беа доделени наградата и повелбите „Св. Климент Охридски – Патрон на градот“.
Советот на Општина Охрид донесе одлука за доделување на ова посебно признание на НУ „Охридско лето“ за достигнувања во областа на културата во изминативе 60 години. Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски -Патрон на градот “ за 2020 година е академик Вера Битракова-Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.