Повеќе настани поврзани со одбележувањето на Денот на македонскиот јазик и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески ќе бидат реализирани денеска и утре во Општина Пустец. Во активностите се вклучени професори од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Советот за македонски јазик, Општина Пустец, како и училиштата од Мала Преспа и од Пустец – „Митре Колефски“ и „Трајан Ѓоргијовски“.
„Со програмата, на 27 и 28 мај се предвидени повеќе настани, меѓу кои: предавања на професорите од Институтот за македонски јазик наменети за наставниците што предаваат предмети на македонски јазик; работна тркалезна маса – 100-годишнина од раѓањето на Блаже Конески; активности на дијалектолозите; разговори во врска со книгоиздателството; обезбедување литература за наставните програми; како и музичка програма во изведба на учениците“, најави Амбасадата на Република Северна Македонија во Тирана.
Еден од настаните ќе се одржи во селото Глобочани, во музејот посветен на познатиот албански писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, кој е родум од ова малопреспанско село.
Организатори на настаните се Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Амбасадата и Културно-информативниот центар во Тирана, во соработка со Општина Пустец, друштвата на Македонците во Албанија и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Стерјоски.