Во Општина Пустец вчера почнаа активностите за одбележување на Денот на македонскиот јазик и на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, кои продолжуваат и во текот на утрешниот ден.
Во селото Глобочани, во музејот посветен на познатиот албански писател со македонско потекло Стерјо Спасе, кој е родум од ова малопреспанско село, се одржа Тркалезна маса посветена на ликот и делото на Блаже Конески.
– На овој настан присуствуваа: државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов; претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов; амбасадорот Данчо Марковски; пратеникот во албанскиот парламент Васил Стерјовски; професори од Институтот за македонски јазик и директорот на Културно-информативниот центар, Златко Ориѓански, како и претставници на локалната самоуправа на Пустец преводени од градоначалникот Пали Колефски – информираа од македонската амбасада во Тирана.
Исто така, во училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“ во Пустец почна дводневен Семинар за македонски јазик за наставниците од училиштата во Мала Преспа.
– Професори од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ држат предавања за дијалектни, историски, ономастички, лексички и современи дополнувања на современиот македонски јазик – наведуваат од Амбасадата.
Организатори на настаните се Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Амбасадата и Културно-информативниот центар во Тирана, во соработка со Општина Пустец, друштвата на Македонците во Албанија и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Стерјоски.