Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија беше промовирана книгата „Преображенија“, која содржи поетски дела од македонскиот писател Владимир Мартиновски. Преведувач на книгата е бугарскиот поет Роман Кисјов, кој, исто така, го направи и изборот на содржината на книгата.
– Македонската поезија е прекрасна и отсекогаш сакав да покажувам какви културни процеси се случуваат во оваа земја, блиска на Бугарија – рече преведувачот Роман Кисјов.
Книгата „Преображенија“ ќе биде претставена и на 12 мај, во рамките на манифестацијата „Европска ноќ на литературата“, која по десетти пат ќе се одржи во организација на странските културни центри и амбасади во Бугарија.
Книгата беше претставена од директорот на КИЦ во Софија, Сашко Насев, кој истакна дека улогата на културата и литературата е многу важна во односите меѓу општествата.
Владимир Мартиновски (1974) е поет, белетрист, есеист, литературен критичар, преведувач, музичар, универзитетски предавач – професор по општа и компаративна книжевност… Автор е на дваесетина книги, од кои половината се поезија. Вклучен е во различни антологии на современата македонска поезија. Преведуван е на многу јазици. Учествувал на многубројни меѓународни литературни форуми, писателски резиденции и поетски фестивали. Тој има составено неколку тематски антологии.