Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска го посети Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана на маргините на средбата на лидерите на Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел.
На средбата со директорот Златко Ориѓански, премиерот Заев рече дека отворањето на Центарот е само уште една алка во широкиот спектар за соработка и зацврстување на пријателството меѓу Албанија и Северна Македонија.
„Благодарение на поддршката на премиерот Еди Рама, како и на силно изразената волја на министерствата за надворешни работи и за култура на двете земји да се реализира овој проект, реализиравме со успех една идеја со која даваме сериозен придонес за збогатување и осовременување на традиционално добрите односи меѓу двете земји“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ќе се забрза и процесот за отворање на Културно-информативниот центар на Албанија во Скопје со цел воспоставување реципроцитет за презентација на албанската култура во Северна Македонија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани.