Осмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе се одржи од 14 до 17 септември во Куршумли ан, „Европска куќа“ (Europe House) и во Кинотеката на Северна Македонија.
Фестивалот ќе започне вечер во 19:30 часот во Куршумли ан каде што ќе бидат претставени авторите: Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, Калина Малеска и Дамир Каракаш, кој ќе се обрати со видео. Ќе биде промовирана и „Срчки” од Бранислав Николов (Пијан Славеј), кој ќе настапи со Гоце Јованоски. Разговорите ќе ги водат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски, а водителка на настанот е Ана Јовковска.
Наградата „Прозарт”, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година ја додели на албанскиот писател Исмаил Кадаре неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус кој константно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика.
Од Фестивалот најавуваат дека во рамките на програмата „Скопје fellowship“, годинава гости ќе бидат: Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија, Доротеа Монова и Милен Милевод Бугарија. На вториот фестивалски ден, тие ќе учествуваат на тркалезната маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“ што ќе се реализира во „Европска куќа“ (Europe House).
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.
Годинашното издание на Фестивалот, поради пандемијата со корона-вирусот, наместо во мај беше преместено за септември.