Стефоска во Дебар: Центарот за култура во себе има приказна која трае

од admin_kult

„Со искрена радост сум денеска овде со вас. Поводот е голем и значаен за Дебар, за овој крај, но и за нашата – полна со различности – култура. Вашите активности можеби започнаа пионерски. Но, низ годините, со посветена работа на генерации ентузијасти, од кои многумина се овде со нас, тие станаа темелна оска околу која се градат трајни вредности“, рече министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на изложбата на фотографии по повод 50-годишнината од постоењето и богатата активност на Центарот за култура – Дебар.

На настанот, во присуство на градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, и директорот Зинче Мимидиноски, Стефоска истакна дека Министерството за култура ја вреднува темелната улога на центрите за култура во земјава.

„Вашиот пример на активности во сите области на културата и едукацијата, и  начинот на кој ја продлабочувате и ја живеете мултикултурноста позната за Дебар и за Реканскиот крај, за нас се само поттик да помагаме и заедно да работиме на унапредување на културата“, рече Стефоска.

Таа додаде Министерството за култура ја вреднува  темелната улога на центрите за култура и затоа, годинава, после повеќе години овие институции се достојно  финансиски поддржани.

Стефоска изрази задоволство дека Центарот за култура низ годините прерасна во препознатливо место каде што успешно се развива единствената мисла – низ креативност, дружење преку уметноста, да се градат млади личности полни со разбирање и грижа едни за други.

Центарот за култура ја почна својата активност во 1971 година и во изминатиот период стана главно место каде што се одвиваат сите културни настани, кои ги посетуваат и жители од соседните општини. Објектот е подарок од жителите на Скопје, во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес што го погоди Дебар на 30 ноември 1967 година.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе