„Нашите две земји, Република Северна Македонија и Руската Федерација, имаат цврсти и длабоки културни врски. Историјата нѐ поврзала и преку биографиите на значајни личности, особено за македонската преродба – Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Димитар и Константин Миладинови, Партениј Зографски, Рајко Жинзифов… Таа креативна поврзаност продолжува и во дваесеттиот век, па водејќи се од мислата дека „Јазикот се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“, нашиот голем Блаже Конески, на веќе кодифициран и етаблиран македонски книжевен јазик, ќе ни ги пренесе стиховите на Александар Блок, Владимир Мајаковски и Владимир Брјусов“, рече министерката за култура Ирена Стефоска на свеченото отворање на Деновите на рускиот јазик и култура.
Стефоска додаде: „Со преводот на Блаже Конески од руски јазик е изведена и првата премиера во Македонскиот народен театар, пиесата ’Платон Кречет‘ од Александар Корнејчук, во далечната 1945 година“, изразувајќи задоволство што Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се приклучи кон одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање.
Деновите на рускиот јазик и култура започнаа со концерт на класична музика во изведба на еминентните македонски музичари Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска и Марија Вршкова во Музејот на македонската борба, а на кој беа изведени дела од Рахманинов, Чајковски и Шостакович.
Манифестацијата продолжува денеска во Кинотеката каде што ќе биде прикажан воениот филм „Црвениот призрак“ на рускиот режисер Андреј Богатирјов, а на 25 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, Рускиотот центар ќе го организира квизот: „Колку добро ја познаваш Русија?“. Од 26 до 28 септември во Рускиот центар ќе се одржи третата Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“, а на 29 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе учествуваат уредници на македонски издавачки куќи.