Стефоска на „Чернодрински“: Најдобрата терапија за човештвото е уметноста

од admin_kult

-Театарот е секогаш жив. Со векови наоѓа волшебни излези од секоја ситуација. По изминатиов период полн со досега непознати искушенија и предизвици, вечерва сме овде заедно. Променети, но повторно сме заедно, рече министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на јубилејниот 55-ти театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Според Стефоска, иако маските сега се во публиката, улогите не се променети, зашто желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот, а најдобрата терапија за човештвото е уметноста.

-И додека првата слика за театарот уште од античко време се двете маски – Талија и Мелпоменa, – маските се сега меѓу публиката, но улогите не се променети. Желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот.

Со посебна возбуда и жар, повторното отворање на театрите, го враќа идентитетот на градовите, пулсот на човештвото. За тоа сте заслужни сите што сте на сцена, сите зад овие кулиси, и секако –публиката. Вашата упорност, страст и љубов во овие времиња што ги живееме, се победници во чувањето на здравиот дух и силата на заедништвото. „Чернодрински“ на своето отворање ни закажа „Мој термин“. Можеби и не е случајно. Најдобрата терапија за човештвото е токму уметноста, рече Стефоска.

На свеченото отворање на фестивалот „Војдан Чернодрински“ беа врачени наградите на годинешните лауреати, Борис Чоревски, Емил Рубен и Крсте С. Џидров.

На отворањето на фестивалот беше изведена претставата „Мој термин“ на Македонскиот народен театар. Инаку во рамки на фестивалот кој ќе трае до 8 октомври ќе бидат изведени 13 претстави на професионалните театри од земјава.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе