Стефоска: Билазора е од особено значење за економскиот и за туристичкиот потенцијал на Свети Николе

од admin_kult

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска го посети археолошкиот локалитет Градиште/Славков Дол во близина на село Кнежје, кај Свети Николе, каде што е откриен античкиот град Билазора. За време на посетата, министерката за култура беше информирана за состојбата со локалитетот, како и за планираните активности што ќе бидат преземени во периодот што следува.

Локалитетот е случаjно откриен во 1994 г., при ископување на материјали за изградба на пат, со што се потврдија претходните сомнежи дека локалитетот се наоѓа во Овчеполието, а не во Велес како што сугерирале одредени автори.

Во 2008-2013 Музејот Св. Николе, во соработка со Тексашката фондација за археолошко-историски истражувања, вршат систематски археолошки истражувања , при што е откриена и кралската палата, чии резултати упатуваат дека локалитетот претставува Билазора на Пајонците.

Поради огромното значење на локалитетот Министерството за култура, во овогодишната програма, одобри два проекта – изработка на Елаборат за ревалоризација на археолошкиот локалитет и спроведување на конзерваторско-реставраторски работи на музејски материјал-археолошки предмети од локалитетот Билазора.

Претходно, во рамките на посетата на Општина Свети Николе, Стефоска се сретна и со градоначалникот Сашо Велковски, со кого се согласија дека  локалитетот Билазора има големо значење за економскиот и за туристичкиот потенцијал на градот, а се во насока на одржлив развој на локалната самоуправа.

Стефоска го посети и Народниот музеј во овој град каде што директорот Александар Данев ја запозна со најзначајните артефакти пронајдени во текот на повеќегодишните истражувања  на локалитетот Билазора.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе