Центарот за култура од Битола, во рамките на својата годишна програма, со добиените 4 милиони денари од Министерството за култура ќе реализира 19 проекти.
Од областа на визуелните уметности, ќе бидат реализирани: ликовни изложби на дела од повеќе домашни автори, 46. државна изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ – Битола 2021, 7. детска ликовна работилница, фотоконкурс и изложба на уметнички фотографии за Битола, а ќе бидат презентирани и два филма на уметничка група под наслов „Патем Bythe way кино“, како и изложбата на експонати „Рудименти“.
Во рамките на музичко-сценската дејност ќе бидат реализирани концертот на дуетот кларинети Ѓоревски-Бакревски, за во септември е предвиден концерт на Битолскиот дувачки оркестар, потоа 13. фестивал „Музика од светот“ – Битола 2021, како и традиционалниот концерт на познати валцери, полки и маршеви од виенски композитори „Новогодишен концерт 2021“.
За крајот на јули е планирано одржувањето на 51. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, како и традиционалниот 13. Семинар за традиционална музика и игра.
Од драмскатата дејност, Центарот за култура во Битола во втората половина на јуни ќе го реализира 23. Интернационален фестивал на монодрамата.
За инвестиции и тековно одржување на објектот, пак, од доделените средства се издвоени 500 илјади денари, кои ќе се искористат за оспособување на системот за известување за пожар.