Во литературниот агол на Пазарот на пролетни книги, во паркот пред Националниот дворец на културата во Софија, Бугарија, денеска (2 јуни) во 18 часот македонскиот писател Сашко Насев ќе го претстави својот роман „Средби со ѓаволот“.
Според бугарските издавачи, „Средби со ѓаволот“ е модерна, балканска верзија на мотивот за продажба на душата на ѓаволот и соодветствува на големото дело на „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков.
– Романот на Сашко Насев успешно се вклопува во традицијата на урбаниот магичен реализам. Напишан читливо, со живописно чувство за апсурдот и многу самоиронија, тој е рангиран меѓу делата со свој глас, далеку од болниот хор на самосожалување што се провлекуваше во литературната продукција на Источна Европа во текот на годините на транзиција – истакнува бугарскиот писател Алек Попов за романот на Сашко Насев.
Насев е еден од водечките македонски драмски писатели и сценаристи. Неговите претстави се изведувани на театарските сцени во нашата држава и низ целиот свет. Тој е професор по драма на Факултетот за драмски уметности, како и актуелен директор на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.