Во Музејот на современата умeтност, на отворено, НУ Театар за деца и младинци – Скопје денеска (27 октомври), со почеток во 13 часот, ќе го одбележи тридеценискиот јубилеј со промоција на монографијата „30 години ТДМ – сон што трае“.
На промоцијата свое обраќање ќе имаат: Катарина Илиевска-Силјановска – директорка на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Тодор Кузманов – автор на монографијата и проф. д-р Ана Стојаноска – рецензент на монографијата.
Театарот за деца и младинци е единствениот национален театар специјализиран за програма за деца и млади. Првпат ги тргна своите завеси пред публиката во Скопје на 2.2.1990 г. и оттогаш создава бајки со поинаков, ведар и магичен дух . Игра голема улога во уметничкото и културното образование на најмладите благодарејќи на секојдневниот влог на ансамблот, раководството и целиот театарски тим, со финансиска поддршка од Министерството за култура.