Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер ќе биде промовирана збирката раскази „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О’Конор, во издание на издавачката куќа „Темплум“.
Од „Темплум“ информираат дека е ова првата книга од О’Конор преведена на македонски јазик. Се работи за збирка раскази на една од најзначајните американски писателки и есеистки. За книгата ќе зборуваат преведувачката Румена Бужаровска и уредникот на „Темплум“, Никола Гелевски.
– Секоја реченица кај О’Конор е експлозивна и повеќезначна. Нејзиниот јазик живописно го отсликува говорот на американскиот Југ – оттаму и предизвиците при преводот. Тоа е така бидејќи и покрај тоа што нејзините приказни се универзални, нивниот идиом е локален, типичен за Југот на Америка – и токму тоа им ја дава нивната богата неповторлива обоеност. Расказите коегзистираат во извонредна мешавина од комичното и сериозното, со што голем дел од ликовите и ситуациите личат на гротески – вели Бужаровска за книгата.