Признание за македонскиот писател Петар Андоновски во Софија, Република Бугарија

од admin_kult

Во рамките на културната програма на манифестацијата „Алеја на книгата“ во Софија, вчера со огромен успех и особен интерес беше проследена промоцијата на романот „Телото во кое треба да се живее“ од македонскиот писател Петар Андоновски, која излезе на бугарски јазик во издание на издавачката куќа „Персеј“.

На настанот, кој беше во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, се обратија директорот на овој центар, д-р Сашко Насев, издавачот Пламен Тотев, како и Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура – Куманово.

Од Софија, афирмираниот писател Андоновски се враќа и со уште едно значајно признание – диплома за освоена прва награда на меѓународниот конкурс за поезија „Лирски гласови 2020“. Овој меѓународен конкурс за поезија, кој е инициран од најпознатите бугарски поети и е посветен на лирската поезија, се распишува во рамките на манифестацијата „Алеја на книгата“ во Софија на која во изминатите денови беа претставени изданијата на десетина реномирани издавачи од Република Бугарија.На конкурсот, Андоновски ја освои првата награда со песна посветена на Силвија Плат.

Делата на Андоновски веќе се афирмирани во бугарската книжевна јавност, а достапен на бугарски јазик е и неговиот прв роман „Очи со боја на чевли“. Предвидено е издавање и на неговиот трет роман  „Страв од варвари“, кој ја доби Наградата за литература на Европската Унија за 2020 година.

Презентацијата на македонската култура во Софија продолжува и вечерва. Во Културно-информативниот центар ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник Марјан Ѕингаров. „Изгубени простори“ е насловот на новата изложба која е составена од околу 20 сликарски дела, со кои авторот го покажува најкарактеристичното од своето творештво во последните неколку години. Настанот ќе се одржи во услови на целосно почитување на соодветните мерки за справување со КОВИД-19.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе