Министерството за култура, по последните случувања со градежните активности на локацијата ресторан дискотека „Парк“, предложи Информација до Владата за потребата за интегриран, координиран и синхронизиран пристап за заштитата на Охридскиот Регион меѓу надлежните институции.
Во согласност со дискусијата, Владата ја усвои Информацијата поднесена од Министерството и донесе серија заклучоци за постапување, како и за засилување на работата на институциите од сите области, вклучително и од културата.
Имајќи предвид дека сите стручни дејства што се содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се имплементираат преку Заводот и музеј ‒ Охрид и Управата за заштита на културното наследство, Владата донесе заклучоци со кои овие дејства на Заводот ќе се реализираат во соработка и со претходно мислење од Националниот конзерваторски центар ‒ Скопје.
Со цел координирано одвивање на активностите за заштита на културното наследство во Охридскиот Регион, Управата за заштита на културното наследство ќе ги издава актите по претходно мислење на Министерството за култура.
Заради обезбедување стручност, Министерството за култура ќе формира комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство, која ќе дава стручна помош за мислењата за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство.
Во врска со актуелните случувања на локацијата на поранешниот ресторан „Парк“, а заради заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро, Министерството за транспорт и врски во рок од два дена ќе формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата на Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата и за своите наоди ќе ја извести Владата на нејзината следна седница.
Исто така, задолжена е Општина Охрид да превенира градежни работи на посочената локација и во рок од два дена до Владата да достави Информација за важноста на одобрението за градба за локацијата на ресторан дискотека „Парк“.
Владата ги задолжи сите надлежни министерства и инспекторати, со заемна и постојана комуникација и давање стручна помош, да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Владата им укажа на општините Охрид, Струга и Дебрца одобренијата за градба да ги издаваат со извод од ДУП и од Планот за управување со Охридскиот Регион. Општините Охрид, Струга и Дебрца, до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти или преземање мерки за непосредна заштита со кои се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот Регион задолжително да се врши со издавање заштитно-конзерваторски услови.