Патувачкото кино на „МакеДокс“ на 2 и на 3 јули ќе се смести во Домот на младите во Штип каде што, покрај програмата за најмладата публика, во форма на авторски вечери ќе бидат прикажани документарни филмови на Сашко Потер Мицевски. Проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го промени својот формат и се одржува во текот на четири викенди во месеците јуни, јули и септември. Првиот викенд беше одбележан со јубилеј. Имено, во селото Шлегово се одржа 80-тата проекција на Патувачкото кино во неговото 12-годишно патешествие низ државава, а во 2019 година посети и три населени места во Албанија.