Прилепскиот Завод и музеј, по 66 години од постоењето, ја отвори богатата и уникатна постојана етнолошка поставка „Животот низ занаетите и традицијата“.
Во рамките на изложбата, во три сегменти – занаетчиство, кувенџиски занает со кувенџиски украсни предмети и традиционален начин на живеење – изложени се околу 300 предмети кои ја раскажуваат приказната за животот, работата и за секојдневјето на прилепчани во 18, 19 и 20 век.
Презентацијата на културното богатство на прилепскиот крај се реализира со поддршка од Министерството за култура.
Со отворањето на оваа етнолошка поставка, Музејот од Прилеп го збогати изложбениот простор за претставување на културното богатство од регионот. Ги има: археолошката музејска поставка, лапидариумот со мермерни скулптури и пронајдоци од ископувањата, а како раритетни се и: Музејот за тутун, Спомен-куќата на Кузман Јосифоски-Питу и Меморијалниот музеј „11 Октомври“.