Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија информира за отворениот повик на УНЕСКО за доставување апликации за Програмата за млади професионалци за 2023 година за следниве работни места:
1. Соработник програмски специјалист – Сектор за култура (Седиште на УНЕСКО во Париз) – Опис на работното место
2. Соработник програмски специјалист – Сектор за култура (Канцеларија на УНЕСКО во Аман, Јордан) – Опис на работното место
3. Соработник ревизор – Оддел за ревизија (Седиште на УНЕСКО во Париз) – Опис на работното место
4. Соработник за човечки ресурси – Биро за управување со човечки ресурси (Седиште на УНЕСКО во Париз) – Опис на работното место
5. Соработник за протокол – Сектор за надворешни односи и приоритет Африка (Седиште на УНЕСКО во Париз) – Опис на работното мест
6. Соработник офицер за врски – Сектор за надворешни односи и приоритет Африка (Канцеларија на УНЕСКО во Каиро, Египет) – Опис на работното место
7. Соработник за публикации – Оддел за комуникации (Седиште на УНЕСКО во Париз)
8. Соработник за правни работи – Канцеларија за меѓународни стандарди и правни работи (Седиште на УНЕСКО во Париз)
9. Соработник – Биро за стратешко планирање (Седиште на УНЕСКО во Париз)
Кандидатите од Република Северна Македонија кои сакаат да се пријават на повикот треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
- да се државјани на Република Северна Македонија;
- да се на возраст најмногу до триесет и две години заклучно со 31 декември 2023 година, односно да не се родени пред 1 јануари 1991 година;
- да поседуваат универзитетска диплома за завршени постдипломски студии (магистер или еквивалентна диплома) во една од следниве области: образование, природни науки, општествени и хуманистички науки, меѓународна соработка и развој, управување со човечки ресурси, деловна администрација, психологија, право, ревизија, финансии, сметководство, медиуми, новинарство, информации за јавност, културни политики и развој, меѓународни односи и политички науки;
- одлично да го познаваат англискиот или францускиот јазик. Познавањето на двата работни јазика ќе се смета за предност.
Покрај горенаведените критериуми, изборот ќе се изврши во согласност со основните вредности на УНЕСКО: интегритет, професионализам, почитување на разновидноста и на мисијата на УНЕСКО. Работно искуство во областа ќе се смета за предност, но не е задолжително.
Избраните кандидати ќе бидат вработени со договор на определено време (ниво П1 и П2) на работни места во седиштето на УНЕСКО во Париз или во некоја од регионалните канцеларии на УНЕСКО. Обновувањето на договорот ќе зависи од процената на резултатите од работењето во текот на првите 9 месеци пробен период.
Заинтересираните кандидати треба да ја достават следнава документација:
– кратка биографија на кандидатот на англиски или на француски јазик не подолга од две страници;
– писмо за интерес на англиски јазик во кое е наведено работното место за кое е заинтересиран кандидатот;
– Уверение за државјанство;
– копија од диплома за завршени постдипломски студии заверена на нотар;
– доказ за познавање англиски или француски јазик.
Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи со придружно писмо во кое ќе биде нагласено дека се однесува на повикот за апликации за Програмата за млади професионалци на УНЕСКО за 2023 година, до Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, по пошта (Министерство за култура, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, 1000 Скопје) и во електронска форма на следниве адреси: t.kraljevska@kultura.gov.mk, ljupco.smilev@kultura.gov.mk и vesna.kamceva@kultura.gov.mk најдоцна до 20 ноември 2023 година.
Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, во согласност со добиените апликации, ќе направи избор на 15 најуспешни кандидати, кои ќе бидат доставени за понатамошен процес на оценување што ќе го спроведе УНЕСКО.