Недела на италијански филм и одликување за директорот на Кинотеката

од admin_kult

Со проекција на играниот филм „Леб и чоколада“ на Франко Брусати, вечер (17 мај), со почеток во 20:00 часот, на сцената на летното кино „Мирно лето“ (во дворот на Кинотеката) започнува „Неделата на италијански филм“.

Пред отворањето на овој филмски циклус, амбасадорот на Република Италија ќе го одликува директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, со  значка и плакета на „Витешкиот ред Ѕвезда на Италија“  – одликување што го доделува италијанскиот претседател, по препорака на министерот за надворешни работи на Италија, за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија.

Ангелов – добро познат на културната јавност како уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија – со ова одликување ќе стане Витез на Витешкиот ред Ѕвездата на Италија.

Циклусот италијански филмови, чии проекции ќе траат до 23 мај, опфаќа наслови и теми поврзани со емигрантството, реализирани од врвни автори во период од половина век – од 70-тите до поновата продукција од првата деценија на новиот век. Од Кинотеката информираат дека во случај да заврне, некои од проекциите, наместо во дворот и во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, ќе се одржат на затворено – во киносалата на Кинотеката. Билетарницата ќе биде отворена секој ден од 19:00 часот, а проекциите се бесплатни и ќе започнуваат во 20:00 часот. Проекциите ќе се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе