Националниот совет за заштита на културното наследство на денешната седница едногласно даде позитивно мислење за елаборатите за ревалоризација на Куршумли ан во Скопје и на Офицерскиот дом во Битола, со што се исполнуваат условите тие да се прогласат за културно наследство од особено значење.
По повеќегодишно чекање, елаборатите за ревалоризација на овие две културни добра, кои се изготвени од надлежните институции за културни добра: Градскиот конзерваторски центар од Скопје за Куршумли ан и Заводот и музеј од Битола за Офицерскиот дом, новиот состав на Советот приоритетно ги стави на дневен ред.
Со позитивното мислење дадено од Националниот совет, овие две културни добра се ставаат во соодветна категорија, со што добиваат посебен режим на заштита и се обезбедува нивна соодветна конзервација, управување и одржување. Овој висок статус на заштита значи зачувување на автентичната состојба на објектите и не дозволува нивна натамошна деградација.