Во фоајето на НУ ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска (среда), 28 јули 2021 г., од 19 часот, Македонскиот квартет труби ќе одржи концерт со наслов „Музички вибрации“.
Квартетот е составен од четворица дипломирани трубачи на Факултетот за музичка уметност во Скопје (Бојан Митрески од Прилеп и Стојанче Косовски, Гоце Цоневски и Васко Рошков), од кои двајца се и магистри по труба. На концертот ќе бидат изведени композиции од повеќе светски автори, како и две народни песни.
Концертот „Музички вибрации“ е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата од областа на музичко-сценската дејност за 2021 година.