Со промоција на творештвото на лауреатот Мирча Картареску, вчера во Даут-пашиниот амам започна 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Гости на Фестивалот, кој ќе трае до 22 септември во Скопје, се деветмина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко, меѓу кои: Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски.
Во рамките на Фестивалот, денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата во време на пост- вистината“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Skopje fellowship“. Членовите на оваа програма ќе имаат средба и со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Од 20 часот, пак, во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ од сценаристот и писател Анте Томиќ, а е предвиден и разговор меѓу Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ и Александар Прокопиев.
На 22 септември ќе се одржи дополнителна програма – „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во книжарницата „Буква“.
Организатор на Фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“, а поддржувачи се „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, Амбасадата на Романија, Спона, Кинотеката.
Фестивалот ќе се одржува во Даут-пашиниот амам, Кинотеката, Европската куќа во Скопје (Europe House Skopje) и во „Буква“.