Министерката за култура Ирена Стефоска денеска беше во работна посета на институциите од областа на културата во Тетово, а оствари средба и со градоначалничката Теута Арифи.
На средбата Стефоска и Арифи беше изразено задоволството од досегашната соработка во сите дејности од областа на културата како на национално така и на локално ниво, за заштитата на културното наследство во Тетово, состојбата со објектите во кои се сместени институциите од областа на културата, изградбата на новиот објект во кој ќе бидат сместени театарот и библиотеката, како и за модалитетите за унапредувањето на културата во овој град.
Министерката Стефоска придружувана од градоначалничката Арифи во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, се сретна со в. д. директорот на оваа институција како и со директорите на Тетовскиот театар и на Библиотеката „Кочо Рацин“, Беким Смаили и Њомза Имери. Стефоска беше информирана за состојбата на објектот во која се сместени и делуваат овие институции, со проблемите со кои се соочуваат во текот на работата, а стана збор и за работата на овие институции во услови на пандемијата од КОВИД-19.
Министерката беше и на објектот предвиден за театар и библиотека кој е во изградба при што информираше дека е од особена важност тоа што реализацијата на проектот е дел од Годишната програма за инвестиции во областа на културата за 2021 година на Министерството за култура, и дека за оваа намена се одобрени 90 милиони денари.
Во рамките на посетата на институциите од областа на културата во Тетово, министерката Стефоска ја посети и Уметничката галерија и Музејот на тетовскиот крај. Стефоска ги посети и значајните споменици на културата во Тетово од османлискиот период – Шарената џамија и Стариот мост на Пена.