Македонската премиера на филмот „Сестри“, добитник на Специјалната награда на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Карлови Вари, денеска (16 септември) ќе го означи почетокот на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Станува збор за прв долгометражен филм на режисерката Дина Дума и на кинематограферот Наум Доксевски, а филмот влегува и во официјалната конкуренција за наградата „Златна камера 300“ на Фестивалот „Браќа Манаки“. Во кратката програма, македонска премиера ќе има и филмот„Северен пол“ на Марија Апчевска, кој во јули беше во конкуренцијата за „Златна палма“ во Кан.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, чија цел е популаризирање на македонската филмска култура и културно наследство во светот, под мотото „И покрај сѐ“, ќе се одржи од 16 до 21 септември на отворено, во пациото на Музејот во Битола.
Годинава во официјалната конкуренција се десет долгометражни и исто толку краткометражни филмови. Во рамките на Фестивалот ќе биде одржана и ревија на македонски документарни филмови со наслов „Бисери на македонската документаристика – од Оскар до Оскар“ .
Во рамките на ОФФ-програмата, пак, на два пункта на Широк сокак ќе има промотивни точки каде што сите минувачи ќе го почувствуваат градот жив и разигран. Покрај раскажувањето филм, ќе учествуваат и музичари, фотоклубот од Битола ќе има изложба, ќе има пантомима, ќе има сегмент „Живи слики“, а филмска музика ќе се изведува на Широк сокак.