„Вонсериско издание“ – оценува лондонски „Сандеј тајмс“, образложувајќи го својот избор за албум на неделата, најновиот компакт-диск на македонскиот пијанист Симон Трпчески. На овој компакт-диск, кој е во издание на престижниот британски издавач „Лин рекордс“, Трпчески, настапува заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка, и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, а изведуваат програма со дела од Шостакович.
Симон Трпчески во изминатиот период настапи во Стразбур и во Софија, а во неговиот распоред за јуни се и настапите како солист со Санктпетербуршката филхармонија и диригентотот Николај Алексеев на нивната матична сцена, потоа и двата концерта со Симфонискиот оркестар на регионот Астуриас во Шпанија, како и концертот на затворањето на сезоната на Романскиот радиски камерен оркестар во Букурешт под палката на актуелниот шеф-диригент и на македонските филхармоничари, Габриел Бебешелеа. На овој концерт се поканети и играчите и стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација како поддршка за нивните историски настапи на Европското првенство, а кои Трпчески возвратно ќе ги бодри од трибините.