Групата „Синтезис“ ќе одржи концерт вечерва во 21 часот во Античкиот театар во чест на 61. роденден на фестивалот „Охридско лето“. „Синтезис“ ги комбинира корените на македонското народно музичко наследство со современи аранжмани, користејќи оригинални македонски инструменти: кавал, гajда, тапан, тарабука и тамбура.
Музичкиот состав е основан во 1995 година и оттогаш е целосно посветен на длабоко истражување во непроценливото богатство на изворната музика во земјава. Името „Синтезис“ го изразува концептот на групата-музичка синтеза добиена со комбинација на традиционалните звуци со современи аранжмани.
Со текот на годините, тие соработуваа со врвни музичари и бендови. Како признание за големиот придонес што „Синтезис“ го дава за афирмација на македонската музика и култура преку бројните концерти низ целиот свет (Јапонија, Израел, САД, Италија, Франција и многу други), во 2006 година, Стопанската комора на Македонија бендот го прогласи за почесен амбасадор на македонската култура. Во 2008 г. во Сплит ја добиваат наградата за Придонес во развојот на културниот туризам, а истата година од страна на „Торонто Ексклизив Магазин“ добиваат награда за најдобра инструменталнa група и уште многу други награди кои говорат за нивната специфичност и музички квалитет.