Кинотеката ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

од admin_kult

Под мотото „Вашиот прозорец кон светот“, светските филмски архиви, музеи и институции поврзани со заштитата на културното наследство утре ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со реализација на изложби, проекции и предавања.

По тој повод, во Кинотеката во 12:00 часот ќе биде промовирано ДВД-издание со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови. Изданието ги содржи филмовите: „Три Ани“ (1959) на Бранко Бауер, „Жед“ (1971) на Димитрие Османли, „Македонски дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ (1973) на Коле Ангеловски и „Хај-Фај“ (1987) на Владимир Блажевски.

Филмовите во ова ДВД-издание хронолошки се реализирани во период од 28 години. За разлика од претходните ДВД-изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на филмови кои се дигитално реставрирани како дел од културното наследство е резултат на меѓународната соработка на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.

Со почитување на сите здравствени протоколи, во киносалата на Кинотеката во 19:00 часот ќе се одржат проекции на филмовите: „Исчезнувањето на Сузана Арсова“ (1992) на режисерот Борис Дамовски, „Првата светска војна“, „Сеќавања (WW1 REMEMBERING“) и „Фотографија 20-20“ на Роберт Јанкуловски, професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје, и „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и го презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associatio).

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе