Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021“ – Гостивар ги објавија имињата на поетите кои ќе конкурираат за фестивалските награди: гран при; прва, втора и трета награда; награда за најдобар странски автор; најуспешна млада поетска искра. Наградите се плакети, дипломи и признанија. Годинашни финалисти се: Милчо Мисоски (Струга), Невен Лукачевиќ (Риека, Хрватска), Владо Поповски (Скопје), Сања Нечовска (Скопје), Аида Ораховац-Куч (Подгорица, Црна Гора), Елмин Елези (Скудриње, Општина Маврово и Ростуше), Елизабета Дончевска-Лушин (Струмица), Фросина Тасевска (Штип), Соња Карбева (Велес) Георгина Петреска (Скопје), Тони Павлески (Прилеп) и Ориада Дајко (Тирана, Албанија).
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ е можност за вознесување нови имиња во светот на поезијата или за потврдување на веќе етаблираните автори, но сите еднакво ја имаат можноста да бидат забележани и препознаени преку анонимноста во изборот.
Годинешното издание ќе се одржи „онлајн“ на 23 мај, на фејсбук-страницата на Фестивалот, поради пандемијата. Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.