На 82 – годишна возраст во селото Коштуничи, Србија, почина еден од најголемите женски вокали на сите времиња во земјава, доајенката на македонската песна, Нина Спирова.
Министерството за култура изразува длабоко сочувство до семејството на Спирова и до целокупната македонска музичка и општествена јавност, за загубата што ја носи заминувањето на врвната интерпретаторка со моќен и кадифен глас која зад себе остави огромен влог за македонската музичка историја.
Како трајни вредности за нашата култура остануваат изведбите на Спирова во забавната, народната, староградската музика.
Незаборавни се нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“.
Таа има исполнето и снимено голем број познати музички хитови, од страна на светски аранжери, а има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.
Како еден од вечните евергрини, кои ќе останат да не асоцираат на прекрасното минато претставува и хитот „Еден бакнеж“ во придружба на Македонската Филхармонија. Безвременска песна која има учествувано на фестивалот „Опатија“ во 1962 година и добила прва награда.
Нина Спирова беше ѕвезда на македонската и на тогашната југосовенска сцена, а од естрадата се повлече во почетокот на 80-тите години, станувајќи дел од музичката историја на овие простори.
Погребот на Нина Спирова ќе се одржи денес во село Коштуничи.