НУ Драмски театар Скопје синоќа гостуваше на Меѓународниот фестивал „РУТА групација Триглав“ во Сараево со монодрамата „Кармен“ на Билјана Драгиќевиќ-Пројковска. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, преводот е на Ненад Велковски, сценограф е Валентин Светозарев, сценски движења – Олга Панго, костимограф е Раде Василев, композитор е Горан Трајковски, фотографиите и дизајнот на плакат се на Елена Бојаџиева.
Фестивалот „РУТА групација Триглав“ е составен од шест театри од регионот, а, како што соопштуваат од Драмскиот театар, основната цел на Фестивалот е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациска смисла.
„Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и да се промовираат во регионот и, секако, да се направи пат за понатамошни копродукции или други форми на соработка“, информираат од Драмскиот театар.