„Големиот Чајковски“ на НОБ ќе го отвори „Охридско лето“

од admin_kult

Со проектот „Големиот Чајковски“, Националната опера и балет свечено ќе го отвори 61. издание на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули на сцената на Античкиот театар. Спектакуларниот проект е составен од балетската трилогија  „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“. Ќе учествуваат над 90 уметници, а диригент е Бисера Чадловска.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција рече дека годинава, и покрај тоа што сѐ уште трае здравствената криза, фестивалот ќе се одржува во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август.

– Ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји: Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД, како и уметници од Северна Македонија – рече Поповиќ.

Таа  додаде дека, покрај светските имиња,  приоритет во годинешната програма се македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи.

Од „Охридско лето“ соопштија дека концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на НУ  Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ и Ансамблот на народни хрватски игри и песни „Ладо“ од Хрватска, кој е на програмата на 28 јули на сцената на Античкиот театар, ќе биде од хуманитарен карактер. Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството.

– Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со корона-вирусот, но и ќе оддадеме благодарност за сето она што го прават медицинските лица –  соопшти Поповиќ.

Селекторката на музичката програма, Даница Стојанова, најави дека во овој дел  од програмата годинава ќе има 34 концерти со врвни уметници, од кои два ќе се одржат во рамките на оф-програмата.

Таа додаде дека се поканети  најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија – за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време.

Драмската програма на фестивалот годинава ќе донесе над сто театарски работници, кои ќе понудат квалитетна и атрактивна програма, најави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

– Оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат театрите,  како и од двете најголеми театарски куќи од Србија – Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско позориште од Белград. Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата меѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секој гест, секој аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација, е тоа колку многу е важно она што го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар – изјави Поповски.

„Охридско лето“ се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а е поддржано од Владата и од  Министерството за култура.

Фестивалот и годинава ќе се одвива според строго утврдени заштитни мерки по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе