Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе одржи концерт на кој ќе биде изведен Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, а како солистка ќе настапи Анна Коловска од Русија. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се и
„Песна и танец“ од македонскиот композитор Томе Манчев, и „Орава“ од полскиот композитор Војчех Килар.
Астор Пјацола (1921 – 1992) е еден од најзначајните аргентински композитори, кој го револуционаризираше традиционалното танго, носејќи го во нов стил што го нарече „нуево танго“ (ново танго) во кое инкорпорираше елементи од џезот и класичната музика.
Првиот концерт за бандонеон и оркестар, познат како „Аконкагва“ (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка), Пјацола го создава во 1979 година. Солистката, Анна Коловска редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…“.