Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ оваа година нема да се одржи во својата реална форма, но ќе биде одбележан со еден централен настан во Битола, кој ќе се одржи на 19 септември во Пациото на битолскиот Завод и музеј.
Основен мотив на оваа одлука на УО на ДФРМ, е зачувување на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект наметнат во сите сегменти од животот, објаснуваат организаторите. На настанот ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.
-За време на овој настан ќе има и обраќање на добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински преку видео врска, а целиот настан ќе се пренесува во живо на Првиот програмски сервис на МТВ, и на ФБ профилот на фестивалот, информираат од ИФФК „Браќа Манаки“.
На режисерот Столе Попов ќе му биде врачена наградата што ја доделува ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Видеообраќање до фестивалот се очекува да има и новиот претседател на Меѓународната асоцијација на кинематограферите (ИМАГО), Кејс Ван Острум. На настанот ќе биде прикажано и видео за новото кино „Манаки“ во Битола.