Донација од Форумот на словенските култури за македонските библиотеки

од admin_kult

Форумот на словенските култури (ФСК) со седиште во Љубљана, чија цел е зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка афирмација на нивната култура во светот, донираше комплет од петнаесет романи објавени на македонски јазик, на десет библиотеки и други културни институции и манифестации во земјава.

Комплетот од 15 романи е издаден во рамките на проектот „100 словенски романи“, кој е финансиски поддржан од Министерството за култура и во нашата држава повеќе години го спроведува издавачката куќа „Слово“, освен во првите три години кога го спроведуваа „Макавеј“ и „Македоника литера“.

Долгорочниот проект „100 словенски романи”, како еден од значајните проекти на Форумот на словенските култури во кој нашата држава е активно вклучена, има цел промовирање на современата словенска литература напишана по падот на Берлинскиот ѕид и претставува многу успешен пример за книжевна размена меѓу словенските народи, воспоставувајќи блиски врски меѓу словенските писатели, преведувачи и читатели. Проектот се состои во тоа што секоја држава членка има предложено листа со по 10 романи, подоцна проширена на 12, и на реципрочна основа секоја држава преведува и објавува по еден или повеќе романи годишно.

Досега кај нас се реализирани 15 изданија, а приближно толку романи на македонски романсиери се објавени во земјите членки на Форумот. Изборот, пак, на кои културни институции ќе им биде доделен комплетот, го направија издавачката куќа „Слово“ и македонските претставници на Форумот.

Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ е меѓународна организација основана во 2004 година на иницијатива од Република Словенија. Целите на организацијата се зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка афирмација на нивната култура во светот.

Држави членки на Форумот се: Република Северна Македонија, Словенија, Руската Федерација, Белорусија, Украина, Република Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Бугарија, Полска, Словачка Република и Чешката Република. Република Северна Македонија, како една од земјите основачи на Форумот на словенските култури (ФСК), преку Министерството за култура, од самиот почеток активно се вклучи речиси во сите иницијативи и активности на оваа еминентна организација чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивно промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.

Како држава членка на Форумот, Република Северна Македонија, преку Министерството за култура, во изминатиот период беше домаќин на состаноците на Одборот и на Програмскиот совет на Форумот на словенските култури како негови највисоки тела. Во текот на ноември 2020 година, ФСК, по консултација со државите членки, ја донесе Програмата со активности за 2021 година, во која нашата држава, односно Министерството за култура, ги предложи следниве активности: изложба на едицијата „100 словенски романи“, бидејќи овој проект во 2021 година го одбележува својот 15 годишен јубилеј, и промоција на активностите на ФСК.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе