Во резиденцијата на Европската Унија во Скопје денеска беше отворена изложбата „Уметноста на досадата“, која се состои од скулптури и други уметнички дела изложени во градината на зградата на резиденцијата.
Изложбата ја отворија амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а на отворањето присуствуваше и министерката за култура Ирена Стефоска.
Како што е наведено во најавата, изложбата има цел да биде разиграно прифаќање на креативноста во време на пандемија, како и да обезбеди начин за поддршка на локалните уметници. Претставени се дела на различни генерации македонски уметници, доајени на современата уметност и скулптура, уметници кои доаѓаат од средната генерација, но и млади автори.
На изложбата се застапени дела од: Петар Хаџи-Бошков, Газанфер Бајрам, Маргарита Киселичка, Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска, Филип Велковски, Јасмина Главинче, Игор Таневски, Давид Атанасовски, Антонио Пиркоски, Александар Ефтимовски.