Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на престижниот фестивал „Independent Film Awards“ во Лондон. Лондонскиот независен филмски фестивал е еден од најреномираните, се одржува секоја година и има над илјада пријавени филмови од над 50 земји. Се доделуваат признанија на филмови и на сценарија во над 20 категории, вклучувајќи: играни и кратки филмови, документарци, студентски филмови, анимации, телевизиски реклами, музички видеа и натпревар за сценаристи.
Филмот „Дедо и внук“ веќе освои шест награди на фестивали низ светот, меѓу кои: за најдобра режија на Интернационалниот филмски фестивал Буда (The Buddha International Film Festival) и за најдобар филм на Интернационалниот филмски фестивал во Париз, а две награди доби и директорот на фотографија Патру Паунеску.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов… Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.