Во Центарот за култура во Крива Паланка до 8 октомври ќе се одржува 13-тото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“. На отворањето на Фестивалот, на истакнатиот актер Ѓокица Лукаревски му беше доделена наградата за особен придонес во театарот и културата.
Во рамките на фестивалската програма ќе бидат прикажани повеќе претстави, меѓу кои и од Белград, како и од театарот „Провокација“ од Скопје и од Драмскиот театар.
Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е од ревијален карактер, а се доделува единствена награда за придонес во театарот и културата што го носи името на свети Јоаким Осоговски, заштитникот на Крива Паланка. Ова признание досега го добиле: Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Гоце Ристовски, Благој Чоревски, Коле Ангеловски и Гоце Тодоровски.