Во Кинотеката на Северна Македонија се одржува ретроспектива на еден од најголемите режисери на денешницава, Јан Кадар.
Од Кинотеката информираат дека проекциите на филмовите започнаа на 24 февруари и ќе траат до 29 февруари, а се прикажува избор од пет филма кои опфаќаат различни фази од творештво на режисерот.
„Тука се филмовите од инзвонредно плодната соработка со Елмар Клос. И покрај цензурата на комунистичка Чехословачка, тие успеаваат да направат бескомпромисни филмови кои храбро се справуваат со моралните дилеми на едно длабоко корумпирано општество, како во минатото така и во нивното современие“, наведуваат од Кинотеката.
Од оваа национална установа додаваат дека Јан Кадар е чехословачки филмски режисер кој можеби не е толку звучно име како Милош Форман или Јиржи Менцел, но е сестран филмски великан со импозантна и разновидна филмографија и живот, во кој (како и во неговите филмови) се вкрстуваат различни култури: чешка, словачка, унгарска, еврејска и американска.
„Тој е особено битен за чехословачкиот филм, поточно, за новиот бран од почетокот на 1960-тите години, не само како филмски автор туку, пред сè, како филмски педагог. Јан Кадар беше професор на ФАМУ во Прага, каде што им предаваше на повеќето режисери, зачетници на чехословачкиот нов бран во 1960-тите години“, велат од Кинотеката.
Програмата е реализирано во соработка со Чешкиот филмски архив.
Целата програма е достапна на веб-страницата и на социјалните мрежи на Кинотеката на Северна Македонија.