Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска и утре, 15 и 16 декември 2023 година, со почеток во 19:00 часот премиерно ќе биде изведена монодрамата „Инсомнија“, по текст на стружанецот Димитрие Дурацовски.
„Инсомнија“ е прва професионална претстава во продукција на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.
Во монодрамата игра Александра Пешевска. Режисер е Мирослав Петковиќ, асистент на режија Мишо Димитриевски-Шипе, сценограф и костимограф е Билјана Гулеска и инспициент е Бојан Секулоски. Музиката е на Томислав Темелкоски, а драматургијата на: Јаков Попоски, Ѓорги Крстески, Ненад Јолдески.
Претставата се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура.